Ковачевски не ги откри имињата на носителите на листите за парламентарните избори, два дена пред партискиот конгрес

Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски ни денеска, два дена пред партискиот конгрес, не ги откри имињата на носителите на листите за парламентарните избори.

Само потврди дека Сања Лукаревска сигурно ќе биде носител на листа во една од изборните единици, но не кажа во која. Во однос на информациите во јавноста дека наводно Лукаревска е преместена во третата изборна единица, а во втората се враќа Оливер Спасовски, Ковачевски децидно кажа дека „никој никаде не е преместен“.

“Никој никаде не е преместен. Сите наши видни членови вршат функции кои имаат државно значење. Лукаревска е заменик претседател на партијата и директор на УЈП, исклучително чесно и одговорно ја извршуваше својата работа во текот на мандатот и тоа многу јасно се гледа од анкетите и таа сигурно ќе биде носител на листа во една од изборните единици, но во која, тоа ќе оставиме да одлучат раководството на партијата, Централниот и Извршниот одбор, а на крајот, секако, и Конгресот.

Состаноците ќе бидат во сабота, прво ќе се одржи состанок на ИО, потоа седница на ЦО, а во попладневните часови ќе почне и Конгресот. Ова е статутарна процедура, не е првпат, туку вака се одвива изборот на кандидати за пратеници и носители на пратенички листи од првите избори”, изјави Ковачевски.

“Убеден сум дека делегатите на конгресот ќе ги изберат најдобрите кандидати кои на достоен начин ќе го претставуваат и СДСМ и нашата проевропска коалиција”, истакна Ковачевски, одговорајќи на новинарски прашања откако засади дрвце во Капиштец, во рамки на акцијата на Општина Центар по повод Денот на пролетта.

Во врска со анкетата на МРТВ, според која ВМРО-ДПМНЕ има многу поголемо водство на СДСМ, Ковачевски оцени дека се прави од институт близок до ВМРО-ДПМНЕ. Прашан дали израелскиот експерт Асаф Еисин е консултант на СДСМ, дали тој ќе ја води кампањата, колку чинат неговите услуги и од кои пари ќе бидат платени, Ковачевски одговори дека нема таков консултант.

Пред изјавата за медиумите, лидерот на СДСМ засади дрвце. Осврнувајќи се на акцијата за зазеленување на Општина Центар, оцени дека Скопје е во запуштена состојба.

“Скопје е запуштено, како да нема градоначалник и Совет. Среќен сум што во мојот мандат екологијата беше високо на агендата, посебно од аспект на обновливите извори на енергија”, истакна Ковачевски.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*