Врховниот суд: Ѓорчевски, таткото на Вања, преместен во домашен притвор

Врховниот суд ја уважи жалбата за притворот на таткото на Вања, Александар Ѓорчевски. Тој од Шутка оди во домашен притвор.

На одлуката претходеше јавната седница во Врховниот суд. Ѓорчевски е осомничен дека помагал при грабнувањето на неговата ќерка и од декември е во притвор во Шутка.

„Врховниот суд на Република Северна Македонија ја известува јавноста дека по одржаната јавна седница на ден 25.04.2024 година, Советот за казниви дела донесе Решение со кое жалбата на обвинетиот А. Ѓ., изјавена преку неговиот бранител Владимир Туфегџиќ, адвокат од Скопје, ја уважи, a решението на Апелационен суд Скопје КСЖ-320/24 од 02.04.2024 година, го преиначи на начин што определената мерка притвор против обвинетиот А.Ѓ. ја укина и за обвинетиот определи мерка куќен притвор и мерка на претпазливост“, соопштија од Врховниот суд.

Неговиот адвокат Владимир Туфегџиќ ја поздравува одлуката на судот и за Телма вели дека таа е мала сатисфакција на огромната неправда и трагедија која му е нанесена на Ѓорчевски.

Туфегџиќ рече и дека Ѓорчевски два пати бил подложен на тортура и завршил на клиника и дека за тоа е известен Хелсиншкиот комитет од кој се чека извештај.

Воедно во име на семејството на Ѓорчевски поднел барање до Центарот за социјална работа, бидејќи немаат контакт со Миња, сестрата на Вања.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*