Изгласана техничка влада во Македонија, ВМРО-ДПМНЕ се воздржа од гласање

Со 65 гласа за и 3 против, Собранието ја изгласа техничката влада за спроведување на изборите предводена од досегашниот спикер Талат Џафери.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, и покрај тоа што предложи технички министри за внатрешни работи и за труд и социјала, не гласаше за составот на владата, а албанската опозиција ја бојкотира работата на Парламентот, па воопшто не присуствуваше.

Според законот, техничка влада се бира на 100 дена пред одржувањето на парламентарните избори закажани за 8 мај. Беше најавено дека техничката влада ќе продолжи со политиките усвоени од претходната влада и ќе се погрижи за организирање фер и демократски избори.

Двочасовната седница помина со критики за мандатарот Талат Џафери и обвинувања за ДУИ-зација на државата од страна на опозицијата, и потенцирање на влезот во НАТО и почетокот на преговорите со ЕУ од страна на владејачкото мнозинство, како и нагласување на фактот што Македонија за првпат добива премиер Албанец.

Пратеникот Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ обвини дека СДСМ ја ДУИ-зира државата. Го критикува Талат Џафери за прекршување на Деловникот додека беше претседател на Парламентот и обвини за криминали на ДУИ со субвенции на непостоечката фабрика за електрични автомобили во Тетово, автопатите на Бехтел и Енка и Лотарија на Македонија.

Ако Артан Груби е кумот на корупцијата во владата, Талат Џафери е нотарот кој тој криминал го завери, обвини Милошоски.

Пратеникoт Дарко Каевски од СДСМ рече дека со опструкциите за техничката влада, ВМРО-ДПМНЕ си создава алиби за изборниот пораз од, како што рече, проевропскиот фронт. Според него, Џафери е добар избор за премиер и посочи дека додека тој бил на чело на Собранието, Македонија влезе во НАТО и ги почна преговорите со ЕУ.

Во интерес на граѓаните и на државата е да има фер и демократски избори, рече Каевски.

Пратеникот Скендер Реџепи од Движењето „Попули“ рече дека ќе гласа за техничката влада која за првпат ќе биде преводена од Албанец. На ова гледа како на чекор кон целосна рамноправност и ги повика сите пратеници да ја поддржат, зашто Македонија е мултиетничка држава.

Павле Трајанов од Демократскиот сојуз, пак рече дека нема да гласа за техничката влада затоа што е надмината потребата од техничка влада, која е спротивна на Уставот. Против владата гласаа и двајцата пратеници од Левица.

Албанската опозиција ја бојкотира работата на Собранието, зашто се уште не е избран член на ДИК на нивен предлог.

Нови министри во владата од ВМРО-ДПМНЕ се Панче Тошковски во МВР и Ѓоко Велковски во Труд и социјала. Според договорот меѓу СДСМ и ДУИ, вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ ќе биде и прв вицеппремиер на местото на Артан Груби, кој ќе остане министер за политички систем. Опозицијата треба да предложи и тројца дополнителни заменици министри.

За дополнителен заменик– министер за финансии оваа партија ја предложи Елена Петрова, за информатичко општество и администрација Стефан Андоновски, а за земјоделство Цветан Трипуновски.

СДСМ, пак, за дополнителен заменик министер за внатрешни го предлага Митко Бојмацалиев, шеф на кабинет на досегашниот министер Оливер Спасовски. За дополнителен заменик министер во труд и социјала е предложена досегашната министерка Јована Тренчевска. Замениците министри се бираат на посебна седница.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*