Јавното Обвинителство Го Отфрла Наводот во Емисијата на Истражувачката Репортерска Лабораторија за Пожарот во Тетовска Болница

Јавното обвинителство и тимот од јавни обвинители кои работеа на предметот поврзан со пожарот во тетовската модуларна болница ги отфрлаат наводите во емисијата на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) кои се однесуваат на текот на истрагата за овој случај.

-Апсолутно невистинити се наводите дека вештачењето од германските експерти воопшто не било изложено како доказ во судската постапка. Службената експертиза од Форензичкиот институт при Сојузната криминалистичка служба и лабораторија од Германија е составен дел од доказниот материјал. Тој уредно беше доставен до странките во постапката, приложен заедно со обвинението и во текот на судењето јавно беше изведен како доказ пред Судот. Судските рочишта за овој предмет беа отворени за јавноста, па оттаму изнесувањето на вакви невистини е целосно тенденциозно.

Основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство Тетово најостро демантира дека одбил интервју за споменатата емисија со образложение дека тоа му било забрането од Јавниот обвинител на Република Северна Македонија. Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, пак, одбивајќи го барањето за интервју, појасни дека со оглед на фазата во која се наоѓа постапката, секој негов јавен настап би претставувал влијание на текот на судската, а не на истражната постапка, бидејќи во моменот кога беше упатена поканата, во предметот веќе беше донесена првостепена пресуда, на која обвинителството вложи жалба, како на висината на изречената санкција, така и на ослободителната пресуда за еден од обвинетите.

Се додава дека како доказ за посветеноста и транспарентноста во работењето на Јавното обвинителство и јавните обвинители кои постапуваат во предметот, на новинарите од ИРЛ им биле овозможени повеќе брифинзи со различни јавни обвинители, а им беше понудено и да ги испратат писмено сите прашања кои ги имаат во поглед на овој предмет. До објавата на емисијата, такви прашања до обвинителството не биле испратени, истакнуваат од Обвинителството.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*