Средба на премиерот Заев со португалската амбасадорка Пина

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, се сретна со Марија Виржиња Пина, амбасадорката на Португалија за нашата држава.
На состанокот е пренесена силна поддршка од Португалија и од португалското претседателство за европерспективите на нашата држава. Соопштено е дека Португалија, како држава којашто гради мостови, посебно ги почитува политиките на премиерот Заев и на Владата – на создавање решенија, наместо проблеми. Тоа, како што е констатирано, е случај со развојот на добрососедските односи со Грција и Бугарија, но и со сработеното во реформските процеси на домашен план, поради што, Португалија, како земја којашто претседава со Советот на ЕУ, цени дека Република Северна Македонија треба да биде дел од семејството на ЕУ.

Премиерот Заев изрази голема благодарност за вложувањата и за заложбите на Португалија, во рамки на португалското претседателство, за продолжување на процесот на проширување на ЕУ, преку креативните решенија, коишто нашата држава ги цени како добра основа во развивањето на односите со Република Бугарија.

„Покажавме како држава дека сме функционална мултиетничка демократија, којашто е силно определена кон европските вредности. Ни значи поддршката од земјите членки на ЕУ. Но, нашиот став е дека за сработеното, време е да се оддаде признание преку конкретен исчекор на нашиот евроинтеграциски пат“, рече премиерот Заев.

На состанокот е заеднички констатирано дека постојат добри основи за подлабока билатерална соработка помеѓу Северна Македонија и Португалија и за унапредување на односите во економијата, културата, социјалните политики.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*