Димитар Ковачевски ги отфрли обвиненијата за состанок во вила „Водно“

Мицкоски вчера, на изборниот митинг во Тетово, рече дека наводно Ковачевски заедно со Али Ахмети, Артан Груби и Стево Пендаровски, правел план за носење на измените на Кривичниот законик за да се обезеди мнозинство за уставните измени.

Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски тврди дека немало никаков состанок во вила „Водно“ за уставните измени. Ваквите обвинувања што ги изнесе вчера лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, тој ги отфрли како инсинуации и како работи кажани на митинг кои немаат никаков допир со реалноста.

“Ниту имало некаков состанок во вила „Водно“ на кој се разговарало за какви било измени и на кој било закон, ниту со тие измени се планирало какво било гласање на уставните измени. Со индигнација ги отфрлам тие инсинуации”, рече Ковачевски, одговорајќи на новинарско прашање.

Во тек, е потсети Ковачевски, носење комплетно нов кривичен законик на кој работат експерти во Министерството за правда. Иако се заинтересирал до каде се измените, тој, како што рече, досега не добил одговор.

Според него, досега изборната кампања се води коректно, без лични навреди и дисквалификаци.

На прашањето колку пати се сретнал со израелскиот експерт за политички маркетинг Асаф Еисин, претседателот на СДСМ одговори дека не се сретнал само со него, туку и со многу други ПР стратези.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*