Крај на законодавниот мандат: Парламентот заврши со 102 од 149 седници

Крај на носењето закони на овој парламентарен состав. Во 4 годишниот мандат одржани биле 149 седници, но комплетно завршени биле 102 – брифираше собранискиот спикер Јован Митрески.

И ако вкупно биле донесени над 830 акти, сепак 139 не влегле во процедура или поради несвикување на комисија или поради голем број на поднесени амандмани.

Сепак, овој парламентарен состав ќе присуствува на инаугурацијата на новиот претседател на државата на 12-ти мај, а 20 дена по изборите Митрески, треба да ја закаже конститутивната седница на новиот собраниски состав.

Ако тој тоа не го стори, ќе го стори најстариот парламентарец избран од граѓаните. Митрески очекува дека со новиот деловник кој ќе стапи на сила со новиот собраниски мандат ќе се подобри работата на собранието.

Денеска се одржа последната планирана седница до 4 април, иако Митрески остави простор до тогаш да свика и уште една нова седница доколку има нови точки за расправа.

Неофицијално, се работи за две точки: анекс на договорот за продолжување на рокот за изградба на автопатот Кичево – Охрид, но и околу набавка на лесни околопни возила од САД. Поради итни прашања, седница може да има и среде кампања.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*