Дискусии за реформи и визии за приспособување на Кривичниот законик

Измена на Кривичниот законик, визија, политичката одлучност и консензус за спроведување на тешки реформи се дел од препораките за кои се дискутираше денеска на тринаесетта сесија на Работна група – 4, Поглавје 24: Правда, слобода и безбедност.

На сесијата на тема „Темелни права, правда и слободи преку призмата на механизмот за владеење на правото на Европската Унија“ што се одржа во Скопје, Кристиан Туркаљ, правен експерт за Западен Балкан, главен преговарач во преговарачкиот тим на Република Хрватска, сподели дека за да се оди забрзано на патот кон ЕУ, потребно е да се остварат некои претпоставки, како што се одлучност и консензус за реформи.

“Според мене, клучна е визијата, одлучноста на политичката елита во Македонија, еден консензус на главните чинители тоа вистински да се сака, како би се спровеле тешки реформи. Тука доаѓа до тоа да се биде способен да донесеш тешки одлуки, односно, да не се избегнува донесувањето на одлуки. Одложувањето на одлуките само го одложува процесот и всушност гледаме дека процесот станува се покомплексен”, рече тој.

Во однос на прашањето дали тие тешки одлуки се уставните измени, тој одговори дека не би зборувал конкретно за Македонија, но, дека тоа било случај во Хрватска.

“Во случајот на Хрватска тоа вклучуваше, да, и измени на Уставот кои потоа овозмжија примена на Европските прописи во Република Хрватска”, дополни тој.

Александра Деаноска Трендафилова, професорка на Правен факултет „Јустинијан први“ – Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје и координатор на работната група, на сесијата истакна дека основната порака е дека сме свесни дека состојбите на правото се под мониторинг и дека треба да се проучи механизам за владеење на правото, односно, како што рече, „околу што се врти целата оска“.

“Треба да ги читаме извештаите и директивите што ги даваат другите држави и ЕУ. Имате фиксни параметри што треба да ги исполните, тука може да земеме пример од држави кои добиваат забелешки, а се слични на нашиот систем, да видиме како се соочуваат и да стигнеме до решенија”, рече таа.

Трпе Стојановски, НКЕУ-МК експерт, професор на Факултет за безбедност, УКЛО – Битола, потенцираше дека ако една држава сака да покаже перформанси, одржливост и борба против корупција мора да инвестира во квалитетна јавна администрација.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*