Арбен Таравари потврден како кандидат за претседател на Алијанса за Албанците

Делегатите кои вечерва присуствуваа на вонредниот конгрес на Алијанса за Албанците, што го свика актуелниот претседател на партијата Арбен Таравари, едногласно ја потврдија неговата кандитатура за претседател на државата и ги поништија одлуките што пред речиси една недела ги донесе партиското собрание на чело со Зијадин Села.

Покрај овие две одлуки, делегатите усвоиле и измени и дополнувања на статутот на партијата, кои, како што соопштија од Алијанса за Албанците, имаат импликации на функцијата на претседател на партиското собрание. За текот на конгресот и за донесените одлуки информираше портпаролот на партијата, Блерант Рамадани, кој кажа дека од 739 делегати на републичко ниво на вечерашниот конгрес во Скопје биле присутни 421.

“На овој вонреден конгрес имаше три главни точки – како прво усвојување на кандидатурата на претседателот на партијата Арбен Таравари, второ укинување на одлуките на собранието на партијата кое се одржа на 10 февруари 2024 година и на крај измени и дополнувања на статутот на партијата. Вреди да се спомене дека трите точки беа изгласани со 421 глас, освен првата точка која беше изгласана со 420 гласови, само еден беше воздржан”, рече тој.

За донесените одлуки, од крилото на Таравари во Алијанса информираа и преку писмено соопштение, во кое се вели дека одлуките од „нелегитимниот состанок“ на партиското собрание одржано минатиот викенд се поништени поради бројни статурани прекршувања, манипулации и докажани фалсификати.

Во врска со ова, од крилото на актуелниот претседател на партијата најавија дека ќе поднесат кривични пријави.

„Беше усвоена измената на Статутот на Алијансата за Албанците, со која се укинуваат статутарните измени одобрени на третиот вонреден конгрес одржан на 24 декември 2022 година и се враќа прелиминарната верзија на статутот, усвоена на 27 март 2022 година на вториот партиски конгрес, со цел отстранување на дисфункционалностите во партиското одлучување. Една од непосредните импликации на овие промени е укинување на функцијата претседател на собранието и на овластувањата на телото познато како тесно претседателство на партијата“, соопштија од АА.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*