Ревизија, ДКСК и омбудсманот со најдобри резултати за интегритет

Државниот завод за ревизија, Државната комисија за спречување на корупцијата и Народниот правобранител имаат најдобри резултати за интегритет, отчетност, одговорност и подготвеност за борба со корупцијата и се првите три столба со најмногу поени во националниот Систем за интегритет кој опфаќа 15 столба, во новиот извештај на Транспаренси интернешенл (ТИ) Македонија.

Јавното обвинителство е најслабо оценет столб, а многу слаби резултати покажуваат и службите за спроведување на законите и судовите. Извештајот за системот за национален интегритет којшто беше презентиран денеска, ТИ Македонија го работеле претходните две години. Тој опфаќа анализа на 15-те столбови на интегритетот, меѓу кои се и Собранието, Владата, јавниот сектор, приватниот сектор, медиумите, Јавното обвинителство, судовите, службите за спроведување на законот, јавните претпријатијa.

Сите столбови се анализирани од аспект на тоа колку се стабилни како столбови на интегритет.

“Можеме да кажеме дека кулата на националниот интегритет се уште не може да стои стабилно без сите овие столбови соодветно да бидат поставени или поткрепени. Сите тие заедно треба да работат за да се воспостави добар систем на национален интегритет и тоа не само да работат и да соработуваат, туку и заемно да се контролираат, што е елемент којшто кај нас сериозно недостасува”, рече Слаѓана Тасева, претседателка на ТИ-Македонија, претставувајќи ги резултатите од третиот извештај за интегритет.

Според неа, нема подобрувања во резултатите на Системот за национален интегритет од 2022 затоа што тие се слични и идентични, а во некои делови и полоши од претходниот извештај во 2016 година.

“Државниот завод за ревизија е повторно носечки столб којшто има најмногу интегритет, којшто работи според правилата и според законите, којшто се уште нема доволно ресурси и е една од институциите што може да ги поддржи понатаму другите столбови на интегритетот. Вториот столб со најдобар резултат е ДКСК којашто, исто така, работи со недоволен капацитет од аспект на ресурси, меѓутоа во другите делови имаат одличен резултат. И третиот е Народниот правобранител. Очигледно е дека независните институции покажуваат поголем интегритет и подготовка да ја остваруваат својата улога во борбата против корупцијата. За жал, оние кои најмногу треба да покажат капацитет и подготвеност, почнувајќи од интегритетот и подготвеноста во борбата против корупцијата, се повторно Јавното обвинителство, кое е едно од најслабо оценетите, односно најслабо оценет столб којшто има само 38,9 проценти, односно поени, службите за спроведување на законот и судовите”, истакна Тасева.

Медиумите имаат среден резултат со 58 поени и тука, рече Тасева, треба сериозно да се поработи на правилата на отчетноста, почнувајќи од сопственоста и финансирањето.

Тасева појасни дека е анализирано што е напишано во законите и како тоа се спроведува во практиката, потоа ресурсите односно со што треба да располагаат институциите за да можат да ја работат својата работа, колку тие ресурси се обезбедени и како се користат.

Според Тасева, независните институции кои се секогаш добро оценети, не се доволно ценети во нашето општество и тоа е резултат на политизацијата. Како примери посочи дека не се постапува по извештаите на Државниот завод за ревизија и на Антикорупциската комсиија, чии иницијативи не се прифаќаат од Јавното обвинителство зашто, како што рече, „тие на некој начин го сметаат работењето на ДКСК како мешање во нивната работа“.

“Гледаме и во последните денови што се случува – се настојува институциите да бидат под политичка контрола, тоа е се уште симптомот на заробена држава која настојува да ги контролира сите институции. За среќа, овие институции успеаја да обезбедат свој интегритет онака како што се поставени по законот и очигледно не им се дава можност доволно да работат со тоа што немаат доволно ресурси. Критиките однадвор секогаш подобро се слушаат, но сега ни тоа не е доволно, луѓето веќе не реагираат ниту на изјавите на амбасадорите, ни на лошиот извештај на ЕК”, изјави Тасева.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*