Премиерот Ковачевски: ВМРО-ДПМНЕ се противи на продолжување на патот кон ЕУ

Одговорноста има име и презиме, тоа е ВМРО-ДПМНЕ и нивното раководство кое се противи на продолжување на европскиот пат на државата, истите кои го кочеа зачленувањето во НАТО го кочат европскиот пат на земјата, изјавил во интервју за Канал 5 ТВ премиерот и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски.

-Ние имавме влада на ВМРО-ДПМНЕ 11 години каде немавме ниту еден исчекор, немавме одлука во делот на зачленување во НАТО и во ЕУ. Секогаш одлагаа, секогаш ги одложуваа за да на крај имаме потешки и полоши решенија, тука пред се мислам на договорот со Грција. И денес е исто. Уставните измени се блокирани од страна на ВМРО- ДПМНЕ. Одговорноста има име и презиме, тоа е ВМРО-ДПМНЕ и нивното раководство коешто противи на продолжување на евроинтеграцискиот пат на државата. Зошто? Заради едноставно политички причини и играње на емоциите на граѓаните преку воспоставување на реторика која води кон минатото, а не води кон иднината. Ние како коалиција сме решени овој процес да продолжи и сметам дека ќе дојде денот кога сите пратеници ќе сфатат дека нема алтернатива и дека единствен начин за напредок и на државата е зачленување во ЕУ. Како изгледа чекање ние најдобро сме виделе. 17 години Северна Македонија чекаше за да добие преговарачка рамка и да отпочне преговори со ЕУ, рече Ковачевски.

Како што соопшти СДСМ, Ковачевски истакнал дека процесот на зачленување во ЕУ значи повисок животен стандард, економски просперитет, подобра социјална правда и врвно владеење на демократија и владеење на правото. Ковачевски додал дека „процесот е се уште жив и ќе остане бидејќи членството во ЕУ нема алтернатива“. Во врска со изборите, тој истакнал дека СДСМ ќе има коалиција што сигурно ќе победи на изборите.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*