Спор меѓу републичкиот обвинител и Анкетната комисија за случајот на Онкологија

Ги надминувате своите надлежности и ја нарушувате предистрагата, им рече републичкиот обвинител Јовески, на членовите на Анкетната комисија која бара дали има политичка одговорност за случувањата на Онкологија. Вие треба да барате политичка, а не кривична одговорност. Обвинителот не може да сведочи за активна постапка.

„Јавниот обвинител ниту е експерт ниту може да биде повикан да сведочи за активна кривична постапка, тоа го забранува Уставот“, рече обвинителот Јовески. Пратениците не му останаа должни, му читаа Деловник. Екс-министерот за здравство Венко Филипче ја информирал претседателката на Анкетната комисија Мизрахи, дека сè што имал кажал, а на сите дополнителни прашања ќе одговори писмено.

„Неговото отсуство може да се смета како индиција за неспремност да не одговори на дополнителните прашања поврзани со овој скандал“, рече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски.

„Овој документ којшто е доставен до јавноста, најверојатно е доставен од страна на Анкетната комисија“, изјави пратеникот од СДСМ, Ненад Коциќ.

Мизрахи рече дека документите не се излезени од Анкетната комисија бидејќи воопшто немале такви документи. Министерот Спасовски рече дека МВР работи на расчистување на случајот.

„Во овој момент ниту можам, ниту смеам да изнесувам податоци и информации за тоа кои документи се одземени од страна на МВР преку наредба од надлежниот суд и обвинителство“, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

На трети декември, Анкетната комисија треба да излезе со заклучок дали има политичка одговорност за случувања на Клиниката за онкологија.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*