Амандмани од Левица ја одложија дискусијата за новиот Собраниски Деловник

Амандманите на Левица го одложија почетокот на комисиската расправа за новиот Деловник за работа на Собранието. Пратениците Крмов и Апасиев осум часа ги усогласуваа ставовите со спикерот Џафери.

Според лидерот на партијата Левица, дел од нивните предлози не биле прифатени, но како што вели Апасиев, има расположение од двете страни за да се постигне договор, но сепак, има црвени линии преку кои нема да поминат.

Спикерот Џафери кој е и предлагач на измените, на брифинг со новинарите посочи дека се усогласени речиси 30 амандмани и е оптимист дека пратениците ќе дадат зелено светло, но доколку не успее да ги разубеди Крмов и Апасиев да ги повлечат амандманите, новиот Деловник нема да помине.

За текстот на новиот Деловник се донесени 2.000 амандмани од кои 1.850 на Левица. Најголема забелешка на партијата Левица е за филибастерингот. Покрај Левица амандмани поднеле и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Според најавите од Законодавниот дом комисијата ќе работи по амандманите и за време на викендот.

Новиот Деловник на Собранието се очекува да биде донесен со консензус и најверојатно ќе биде ставен на дневен ред на новата седница закажана на 2-ри ноември. Деловникот ќе се применува од почетокот на новиот собраниски мандат.

Првпат по него ќе постапува актуелниот претседател на Собранието Џафери со свикување на конститутивната седница на следниот парламентарен состав. Новина е тоа дека седницата нема да може да трае повеќе од три дена.

Новиот Деловник е резултат на петгодишните разговори меѓу пратеничките групи од овој и минатиот мандат коишто почнаа во рамките на процесот Жан Моне со посредство на неколкумина европратеници.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*