Ковачевски: Инвестираме во модерна, развиена патна инфраструктура, Северна Македонија станува вистинска раскрсница на Балканот

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска, заедно со министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски беше на увид во градежните зафати за рехабилитација на регионалниот пат Демир Капија–Давидово. На настанот присуствуваа и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми, директорот на Јавното претпријатие „Македонија пат“, Костадин Ацевски, како и градоначалникот на Општина Демир Капија, Лазар Петров.

„Овој пат на кој се наоѓаме денес беше долгогодишна потреба и желба на граѓаните на Демир Капија, но и на населените места Клисура, Давидово и со ова што го правиме денес, државата практично покажа дека тоа што не може општините сами да го направат, државата е тука и Владата да го направат. Овој пат ќе отвори перспективи и за заживување на целиот регион и отворање на нови можности за развивање на бизнис иницијативи како за домашни, така и за странски инвеститори. Бидејќи најважниот услов за секој инвеститор е постоењето на модерна и безбедна патна инфраструктура. Токму тоа е еден од нашите најголеми приоритети во моментов. Владата, како ниедна Влада досега, вложува огромни средства во реализација на капитални инвестиции, кои требало и порано да бидат реализирани, меѓутоа биле само проекти кои биле ставени на хартија и со децении не биле реализирани“, рече премиерот Ковачевски на денешниот настан при увид на регионалниот пат Демир Капија-Давидово.

Премиерот истакна дека како Влада се посветени во остварување на деценискиот сон на претходниците, а тоа е создавање на модерна држава со развиена патна инфраструктура која ќе ја постави Република Северна Македонија на светската економска и инвеститорска мапа.

„Многу пати досега сум кажал дека сум човек кој сака да работи на остварување на целите и навистина е така, бидејќи со овие градежни зафати убеден сум дека ја трасираме европската иднина на нашата земја, која конечно после долги години цврсто верувам дека ќе стане главна крстосница на Балканот и на јужна Европа.

Нашата посветеност да ја приближиме државата до вратите на Европската Унија се гледа и е видлива преку бројните проекти кои секојдневно ги посетуваме и вршиме увид во реконструктивните или почетните зафати на делниците“, рече премиерот Ковачевски.

Тој ги спомена досегашните активности кои Владата ги презема за модернизација и подобрување на патната инфраструктура во државата, спомнувајќи ги градежните зафати на автопатската делница Демир Капија-Неготино, која е дел од трансевропскиот Коридор 10, како и реализацијата на најголемиот инфраструктурен проект досега во историјата на нашата држава, а тоа е изградбата на коридорите 8 и 10–д.

Изведбата на овој проект, според премиерот, ќе донесе нови 8.000 работни места, нови инвестиции од 1,3 милијарди евра и номинален раст на БДП за 2 процента годишно, во наредните пет години, но и ќе отвори реални можности за развој на нови бизниси и нови работни места за граѓаните.

„Нема да застанеме тука. И во следниот период ќе продолжиме со несмалено темпо да инвестираме во патната инфраструктура, за која во изминатите пет години се вложени 1 милијарда евра во изградба и реконструкција и рехабилитација на патишта, период во кој се изградени и рехабилитирани околу 1.400 километри патишта. Наместо во непродуктивни и економски неоправдани трошења, ние се грижиме и ќе продолжиме да се грижиме за нови капитални инвестиции со употребна вредност со цел да ја надминеме бројката од 465 милиони евра, рекордна реализација на капитални инвестиции која ја постигнавме лани“, нагласи премиерот Ковачевски, додавајќи дека Владата ќе се потпре на домашните компании во реализацијата на големите капитални проекти.

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски истакна дека патот Демир Капија – Давидово е од големо значење за жителите на овој регион, особено за земјоделците и лозарите, бидејќи поврзува повеќе населени места и земјоделски површини и со чија рехабилитација се обезбедува подобро поврзување и извршување на нивните секојдневни обврски.

„Наш врвен приоритет е преку рекордни инвестиции во инфраструктурата да ја доближиме земјата до Европската Унија, да обезбедиме европска перспектива и развој на државата, нови инвестиции и нови работни места за нашите граѓани.

Обезбедуваме поквалитетни услови за патување на граѓаните. Во овој регион работиме на реконструкција на дел од автопатската делница Демир Капија – Неготино, завршивме со рехабилитација на обиколница Демир Капија, а преку Министерството за транспорт и врски рехабилитиравме четири локални патишта во Општина Демир Капија. Нашите теренски активности продолжуваат со засилено темпо во наредниот период, време за губење повеќе немаме, ја градиме и модернизираме патната инфраструктура низ целата држава, Македонија мора да биде главна крстосница на Балканскиот полуостров“, нагласи министерот Бочварски.

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми појасни дека станува збор за надградба и поправка на патот Демир Капија – Давидово во должина од  2.550 метри. Вкупната вредност на изведбата е близу 407 илјади евра. Инвеститор е Јавното претпријатие за државни патишта, а изведувач е Јавното претпријатие „Македонија Пат“.

„Ова е година на историски инвестиции и вистинска експанзија на активности во сообраќајната инфраструктура од осамостојувањето на нашата држава. Инвестираме и градиме насекаде и за сите во земјата, за национален и за локален развој, за подобар и побезбеден сообраќај, за подобар и попросперитетен живот за сите нас“, рече директорот Рустеми.  

Градоначалникот на Општина Демир Капија, Лазар Петров се заблагодари на Владата и Јавното претпријатие за државни патишта за рехабилитацијата на делницата Демир Капија-Давидово.

„Овој пат е од огромно значење за развој на туризмот“, изјави градоначалникот, кој додаде дека делницата има големо значење и за земјоделците.


Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска, заедно со министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски беше на увид во градежните зафати за рехабилитација на регионалниот пат Демир Капија–Давидово. На настанот присуствуваа и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми, како и градоначалникот на Општина Демир Капија, Лазар Петров.

Во продолжение ја пренесуваме интегралната изјава на премиерот Димитар Ковачевски:

„Владата на Република Северна Македонија продолжува со несмалено темпо да инвестира и да се грижи за изградба на модерна регионална и национална патна мрежа со која поврзуваме градови, региони, но и ја поврзуваме државата со соседните држави и со светот.  

Ми претставува посебно задоволство што денеска, овде заедно со градоначалникот, со министерот, со директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, со директорот на „Македонија пат“ и нивните колеги, дојдовме да  направиме увид на градежните работи на регионалниот пат односно рехабилитацијата, т.е. практично изградба на нов пат од Демир Капија до Давидово со што овозможуваме реконструкција и надградба на патното поврзување на овој дел од државата и негово вмрежување со околните населени места.

Овој пат на кој се наоѓаме денес беше долгогодишна потреба и желба на граѓаните на Демир Капија, но и на населените места Клисура, Давидово и со ова што го правиме денес, државата практично покажа дека тоа што не може општините сами да го направат, државата е тука и Владата да го направат. 

Реконструкцијата на овој регионален пат е од голема важност за развој на туризмот во нашиот јужен дел на државата, но и за земјоделците од овие области, на кои ќе им се олесни движењето и ќе се овозможи непречено функционирање во извршувањето на нивните секојдневни работи.

Но, овој пат ќе отвори перспективи и за заживување на целиот регион и отворање на нови можности за развивање на бизнис иницијативи како за домашни, така и за странски инвеститори. 

Бидејќи најважниот услов за секој инвеститор е постоењето на модерна и безбедна патна инфраструктура.

Токму тоа е еден од нашите најголеми приоритети во моментов. Владата, како ниедна Влада досега, вложува огромни средства во реализација на капитални инвестиции, кои требало и порано да бидат реализирани, меѓутоа биле само проекти кои биле ставени на хартија и со децении не биле реализирани. 

Затоа, ние сме посветени во остварување на деценискиот сон на нашите претходници, а тоа е создавање на модерна државна патна инфраструктура која ќе ја постави Република Северна Македонија на светската економска и инвеститорска мапа.

Многу пати досега сум кажал дека сум човек кој сака да работи на остварување на целите и навистина е така, бидејќи со овие градежни зафати убеден сум дека ја трасираме европската иднина на нашата земја, која конечно после долги години цврсто верувам дека ќе стане главна крстосница на Балканот и на Јужна Европа.

Нашата посветеност да ја приближиме државата до вратите на Европската Унија се гледа и е видлива преку бројните проекти кои секојдневно ги посетуваме и вршиме увид во реконструктивните или почетните зафати на делниците.

Затоа и пред неколку дена бевме на увид во градежните зафати на автопатската делница Демир Капија-Неготино, која е дел од трансевропскиот Коридор 10, со којашто делница ја поврзуваме државата со Грција, со Србија и ги засилуваме нашите транспортни и економски врски со регионот. 

Но, и постојано ја следиме имплементацијата на сите тековни проекти. 

Затоа и почнуваме со реализацијата на најголемиот инфраструктурен проект досега во државата на нашата патна мрежа, а тоа е изградбата на коридорите 8 и 10–д, чија изведба ќе донесе нови 8.000 работни места, нови инвестиции од 1,3 милијарди евра и номинален раст на БДП за 2 процента годишно. 

Работите според договорот што е потпишан со изведувачот „Бехтел и Енка“ веќе се започнати, сите граѓани преку медиумите можеа да се уверат дека се започнати геомеханичките истражувања и на коридорот 10-д и на коридорот 8. Согласно со договорот, веќе ќе почне и подготовката за градежните работи на делниците кои што ќе бидат подготвени. 

Ова  носи и реални можности за развој на нови бизниси, на нови патни коридори, на нови ресторани, бензински пумпи, нови угостителски и туристички објекти како и отворање на нови работни места за граѓаните од овие региони. 

Нема да застанеме тука. И во следниот период ќе продолжиме со несмалено темпо да инвестираме во патната инфраструктура, за која во изминатите пет години се вложени 1 милијарда евра во изградба и реконструкција и рехабилитација на патишта, период во кој се изградени и рехабилитирани околу 1.400 километри патишта.

Наместо во непродуктивни и економски неоправдани трошења, ние се грижиме и ќе продолжиме да се грижиме за нови капитални инвестиции со употребна вредност со цел да ја надминеме бројката од 465 милиони евра, рекордна реализација на капитални инвестиции која ја постигнавме лани.

Тоа ќе го оствариме заедно со вас и заедно со домашните компании на кои ќе се потпреме во реализацијата на големите капитални проекти. Тоа го должиме на нашите сегашни и идни генерации. 

Сакам на изведувачот на работата, „Македонија пат“, да им посакам успешна работа на завршувањето на оваа патна делница, сакам да им посакам среќно користење на граѓаните на Демир Капија, на Клисура, на Давидово. 

Ви благодарам!“

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*