Дескоска од Министерскиот Форум за Правда и Внатрешни Работи ЕУ – Западен Балкан: Не Запираме на Патот на Реформите

Министерката за правда проф. д-р Рената Дескоска денеска се обрати на Министерскиот форум за правда и внатрешни работи ЕУ – Западен Балкан, на кој покрај министрите за правда од регионот, присуствуваа и Комесарката за правда на Европската унија, Вера Јурова и австрискиот министер за правосудство г. Јозеф Мозер.

Министерката за правда истакна дека Република Македонија ја следи реформската агенда утврдена во Стратегијата за реформи во правосудството 2018-2025 година, почнувајќи од реформите за јакнење и гарантирање на независноста на судството, како и реформи коишто треба да ја подобрат ефикасноста на судството.

Согласно Стратегијата за реформи во правосудството и планот 3-6-9 донесен од Владата на Република Македонија, министерката истакна дека се предвидени низа на измени на Законот за судовите и Законот за Судскиот совет.

“Во таа насока се идните реформски активности со кои треба да се зајакне независноста, непристрасноста и одговорноста на судството на нашиот пат кон европската интеграција. Поголемо ниво на ефикасност на судскиот систем ќе го унапреди квалитетот на заштитата на човековите права и ќе го зајаке владеењето на правото, а зајакнатата транспарентност на правосудните институции ќе ја врати довербата на граѓаните во судството“ – истакна министерката Дескоска.

“Македонија нема да запре на патот на реформите – тие не се само услов за пристапување кон Европската унија, туку се значајни за квалитетот на живот на нашите граѓани и владеењето во Република Македонија. Борбата против корупција и создавање на ефикасен и ефективен правосуден систем е наша обврска кон граѓаните“ – додаде министерката.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*