
Министерството за надворешни работи и претседателката Силјановска Давкова се дистанцираат од испраќање на осудениот разузнавач Киро Тодоровски во Виена како претставник на Агенцијата за разузнавање во дипломатско-конзуларното претставништво во Австрија. Министерството вели дека тој бил избран од директорката на Агенцијата, Габриела Јаковлева.
Претседателката, од своја страна, во својот одговор објасни дека Агенцијата е посебен орган на државната управа, дека одлуката за избор ја потпишала директорката Јаковлева, додека министерот за надворешни работи ја донел одлуката за распоредување.
Претходно, „Слободен печат“ ги покрена и прашањата за тоа како Тодоровски ја поминал безбедносната проверка спроведена од Агенцијата за национална безбедност и како му е издаден безбедносен сертификат од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации.