
Агенцијата за супервизија на осигурување соопшти дека, по извршена анализа и надзор на лице место, утврдила оти „Алта Осигурување“ АД Скопје во моментов ги исполнува законски пропишаните услови за работење. Оттаму посочуваат дека осигурителното друштво е независно правно лице, основано во Северна Македонија, кое е предмет на континуиран надзор од страна на Агенцијата.
Од Агенцијата наведуваат дека постапуваат согласно законски утврдените механизми и инструменти за дејствување, кои ги применуваат во зависност од утврдените околности и во рамките на своите законски овластувања, со цел заштита на осигурениците и обезбедување стабилност на секторот за осигурување.
Во однос на информациите објавени од СДСМ – дека братот на претседателот на Советот на експерти на Агенцијата учествувал во продажбата и дека постои наводен судир на интереси – од Агенцијата појаснуваат дека тие вршат надзор над работењето на осигурителните друштва и ја оценуваат исполнетоста на законските услови за стекнување квалификувано учество, но немаат надлежност да вршат надзор над тргувањето со акции или над функционирањето на пазарот на капитал.