
Мерката притвор за битолскиот бизнисмен Стојан Чифлигароски, осомничен во случајот „Синџир“, е заменета со куќен притвор. Одлуката ја донесе Кривичниот суд, откако Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција даде позитивно мислење по предлогот поднесен од неговата одбрана.
Како што информираа од Судот, Кривичниот совет постапил во рамките на предлогот на одбраната и согласноста на Обвинителството, прифаќајќи го барањето како усогласен предлог меѓу страните. Покрај куќниот притвор, на Чифлигароски му е одредена и мерка за претпазливост – одземање на две важечки патни исправи.
„Оваа одлука се заснова на наводите во позитивното мислење на Обвинителството, во кое се наведува дека истражната постапка е во завршна фаза“, појаснија од Судот.