
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство во Охрид достави предлог до охридскиот суд за определување притвор за 31-годишниот Кристијан Корабоски, кој е осомничен дека ја претепал 26-годишната Сара Ѓорѓиеска.
Истовремено, Обвинителството поднесе обвинителен акт по итна постапка против Корабоски за три кривични дела – телесна повреда, противправно лишување од слобода и загрозување на сигурноста.
Исто така, семејството на девојката, во интервју за „Охрид1“, упати апел до граѓаните да го откажат најавениот протест, закажан за во вторник пред охридското Обвинителство, пренесува „Либертас“. Тие изразија благодарност за огромната поддршка од јавноста.
Сепак, со оглед на најновите случувања поврзани со Обвинителството и повторното барање за притвор за осомничениот, тие изјавија дека „во овој момент, мирот и закрепнувањето“ на нивната ќерка се единственото нешто што им е потребно, се додава во извештајот на „Либертас“.