
Реакциите во врска со случајот на Сара Ѓорѓиеска и фактот што на Кристијан Корабоски првично не му била одредена мерка притвор, продолжија и во понеделникот.
Кети Штерјова од СДСМ изјави дека родители на Кристијан се Љубинка Корабоска, поранешна претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), и Гоце Корабоски, вработен во Управата за јавни приходи (УЈП). Таа додаде дека Гоце Корабоски имал блиски односи со премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски.
Во вторник, Форумот на жени на СДСМ ќе организира протест пред Секторот за внатрешни работи – Охрид. Како што наведуваат, протестот се организира за да се изрази поддршка за Сара Ѓорѓиеска, нејзините блиски и сите други жени жртви на насилство, но и како реакција против нефункционалните институции, предводени од ВМРО-ДПМНЕ, кои ги штитат насилниците.
Во видео-обраќање од Брисел, премиерот Мицкоски исто така го осуди нападот, наведувајќи дека институциите ќе направат сè за сторителот да биде изведен пред лицето на правдата.