
Полициски службеници од Пробиштип, кои биле на службена задача во Кочани кога се случила трагедијата во ноќниот клуб „Пулс“ во 2025 година, добиле усни, а не писмени наредби – изјавија дел од полицајците и командирите на рочиштето одржано во четвртокот, во рамките на судскиот процес против 13 полициски службеници.
Според исказите, тие не биле однапред запознаени со своите задачи, туку само постапувале по наредбите на службени лица, без да бидат свесни за безбедносните ризици со кои би можеле да се соочат. Дури по пристигнувањето на лице место им било кажано дека ќе се спроведува акција за сузбивање на дрога во неколку угостителски објекти.
Од друга страна, родителите на загинатите во пожарот во ноќниот клуб изјавија дека е несфатливо како можеле да бидат издадени усни, наместо писмени наредби. Судскиот процес се однесува на пропуст во постапувањето при вршење на службени должности од страна на полициските службеници кои биле присутни во „Пулс“ за време на пожарот, во кој животот го загубија 63 млади луѓе, а над 200 беа повредени.