
За четирите девојки кои малтретирале 13-годишно девојче во општина Ѓорче Петров, одредена е мерка упатување во воспитно-поправна установа.
Кривичниот суд донесе одлука, во врска со бруталното насилство, две од девојките да бидат упатени во воспитно-поправна установа во траење од една година, а другите две во траење од осум месеци. Одлуката сè уште не е правосилна.
Три од малолетничките имаат 14 години, а една има 17 години. Тие се сомничат дека го претепале 13-годишното девојче во два одделни инциденти. Биле гонети за насилство, но постапката против нив се водела согласно Законот за правда за децата.
Според кривичната пријава, тие физички го нападнале девојчето двапати, на 27 и на 30 март, а на социјалните мрежи објавиле видеоснимки и фотографии од насилството.