
Почнувајќи од понеделник (9 ноември), покрај шалтерите во главната филијала на „Алта банка“ во Битола, повторно ќе се отворат и филијалите во Струмица и Тетово за граѓаните кои немаат платежни картички, а кои ќе можат да подигнат до 20.000 денари. Истовремено, неделниот лимит за користење на картички се зголемува од 10.000 на 15.000 денари.
Во меѓувреме, продолжија политичките обвинувања во врска со случајот.
“Алта банка – Битола е здрава финансиска институција и нема причина за загриженост, бидејќи располага со повеќе средства отколку што се побарувањата”, вели премиерот Христијан Мицкоски. Тој откри дека во наредните денови ќе бидат организирани состаноци со цел да се пронајде купувач.
Во саботата, граѓани од Прилеп, Ресен и Охрид – главно пензионери кои немаат платежни картички – беа донесени во Битола со организиран автобуски превоз пред главната филијала на „Алта банка“, за да можат да ги подигнат своите средства на шалтер.