
Седумнаесетгодишната Билјана Кириќ и 21-годишниот Виктор Гунтаров се двете лица пронајдени мртви на 3 ноември во Богданци. Телото на Кириќ било пронајдено во запален автомобил, додека Гунтаров бил пронајден мртов во близина. Според Обвинителството, првичните индиции укажуваат на убиство и самоубиство, иако точните околности допрва треба да се утврдат со истрагата. Според неофицијални информации, Гунтаров се обесил откако претходно ја запалил младата девојка.
Нови детали откриваат дека на трагичниот настан му претходеле пријави за физичко насилство и закани кон малолетничката, а надлежните институции веќе презеле мерки против Гунтаров. Тој бил приведен на 30 септември, откако било пријавено дека физички ја нападнал својата 17-годишна девојка во неговиот дом. За случајот бил известен јавен обвинител.
На 16 октомври, Обвинителството добило и пријава за загрозување на безбедноста на девојката, по што била поведена постапка, закажани биле сослушувања и биле побарани вештачења. Во меѓувреме, судот изрекол заштитни мерки со кои на младиот човек му се забранува да ѝ се приближува или да ја вознемирува малолетничката.
Според досегашните информации, забраната за приближување била сè уште на сила на денот на трагедијата.