
Почна процедурата за укинување на телото задолжено за координација на разузнавачките агенции, кое не одржа седница во последните две години, иако според законот треба да одржува најмалку една седница на секои три месеци.
Бидејќи немало седница, списокот за членство по службена должност не е ни ажуриран. Следствено, на хартија, покрај поранешниот ДПМ Груби, како членови сè уште фигурираат поранешниот привремен премиер Талат Џафери, поранешната министерка за одбрана Славјанка Петровска и поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи, како и тројца поранешни шефови на тајните служби – Жарко Милошевски, Еролд Муслиу и Никола Кишкоски.
Единствен актуелен функционер е Тошковски, кој и тогаш беше министер за внатрешни работи. Во понеделникот, парламентарната Комисија за одбрана гласаше за усвојување на законот за укинување на Законот за координација на безбедносните агенции, со што ќе се прекине мандатот на Советот.