
Ниту еден од четворицата противкандидати на Искра Хаџи Василева не поднесе приговор на изборниот процес, поради што Советот на јавни обвинители во четвртокот попладне ги објави конечните резултати и потврди дека таа, со освоени 64 гласа, е избрана за раководител на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
Од изборната комисија наведоа дека Советот, во рок од седум дена, треба да закаже седница на која Хаџи Василева и официјално ќе биде именувана за шеф на ова Обвинителство. Потоа, таа ќе даде свечена изјава и ќе ја преземе функцијата од Ислам Абази, чиј мандат истекува на 14 ноември.
Хаџи Василева за „Телма“ потврди дека, и откако ќе застане на чело на Обвинителството, планира да продолжи да постапува во судница по двата предмети од висок профил што ги води: случајот против судијата Ристов и случајот против поранешниот директор на Државниот инспекторат за земјоделство, Анакиев.