
Полициската операција поврзана со здравствениот сектор заврши во четвртокот со апсење на осум лица, меѓу кои поранешни директори на Фондот за здравствено осигурување и претставници на приватната болница „Санте Плус“. При претреси на десет локации во три града, одземени се материјални докази, вклучително и 50.000 евра во готовина, како и мобилни телефони.
Од Министерството за внатрешни работи соопштија дека е разбиена организирана криминална група, чии членови се сомничат дека наплаќале од пациентите за операции на очи, иако тие услуги биле покриени од Фондот. Операцијата, со која раководеше Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, започна во средата наутро.
Според неофицијални информации, меѓу лицата опфатени со истрагата е и поранешниот директор на Фондот за здравствено осигурување, Ден Дончев, кој се посочува како првоосомничен во случајот. Првичните информации укажуваат дека штетата врз буџетот на Фондот изнесува околу 1,5 милиони евра, додека незаконската добивка на приватната болница се проценува на околу четири милиони евра, објави ТВ21.