![]()
Во случајот со „кубански вакцини“, постапувајќи по поднесена кривична пријава против едно лице за кривичните дела измама (член 247) и надрилекарство (член 209) од Кривичниот законик, Основното јавно обвинителство – Велес обезбеди налози за претрес на повеќе локации.
Надлежните органи прибираат докази во врска со сомневањата дека осомничениот, со цел стекнување противправна имотна корист, измамил повеќе лица преку лажно претставување и нудење на наводни „кубански вакцини против рак“.
При претрес извршен на работното место на осомничениот во Велес, истражителите одзедоа докази кои ќе бидат предмет на форензичка анализа. Исто така, одземена е електронска опрема, а преземени се и други истражни дејствија.
Надлежниот јавен обвинител врши испрашување на оштетените лица и на потенцијалните сведоци кои можат да дадат релевантни информации за целосно расчистување на случајот.
Основното јавно обвинителство – Велес до судот поднесе и предлог за определување мерки за претпазливост, и тоа: одземање на патните исправи на осомничениот и обврска за задолжително јавување пред надлежен орган.