
Едно „не“ од земја-членка би можело да го блокира македонскиот јазик во ЕУ откако земјата ќе стане дел од блокот. Новиот работен документ на ЕК за проширувањето истакнува дека одлуките во врска со јазичниот режим на ЕУ се донесуваат едногласно, што значи дека секоја земја-членка може да се спротивстави на воведувањето на нов службен јазик.
Овие најави од Брисел – кои не им даваат никаква гаранција на новите членки дека нивниот службен јазик ќе стане службен работен јазик во ЕУ – ги побиваат тврдењата на СДСМ дека македонскиот јазик е загарантиран со преговарачката рамка, вели пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски.
Од друга страна, пратеничката на СДСМ Бисера Костадиновска-Стојчевска нагласува дека под никакви околности македонскиот јазик не се доведува во прашање. Таа нагласува дека новиот јазичен режим во работниот документ не се однесува експлицитно на македонскиот јазик, но едногласноста во донесувањето одлуки останува стандарден услов.