
Министерството за внатрешни работи сè уште истражува како Ива Михаилова – против која е поднесено обвинение за сообраќајна несреќа со еден загинат и тројца повредени, за која е издадена меѓународна потерница и одреден 30-дневен притвор – ја напуштила Северна Македонија и дали ја преминала границата на легален граничен премин.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди презема соодветни активности за утврдување на околностите. Министерството за правда очекува официјално известување од Министерството за внатрешни работи за тоа дали Михаилова е уапсена или лоцирана во друга држава, со цел да може да започне постапката за екстрадиција.
Сепак, тоа не значи дека бугарските власти се обврзани автоматски да ја уапсат и да ја предадат на институциите на Северна Македонија. Бугарското Министерство за внатрешни работи посочи на бугарските прописи како пречка за нејзината екстрадиција, односно на членот 25 од Уставот на Бугарија.