
Австрија, Чешка и Словачка бараат билатералните спорови да не го попречуваат напредокот на земјите-кандидати кон членство во ЕУ, посочувајќи ги како примери несогласувањата меѓу Хрватска и Црна Гора, како и спорот меѓу Северна Македонија и Бугарија.
Како што пренесе „Вечерњи лист“, овие три земји во средата поднесоа заеднички неофицијален документ (т.н. „нон-пејпер“) пред состанокот на Советот за општи работи на ЕУ, повикувајќи споровите да се решаваат преку директен дијалог, надвор од процесот на пристапување. Иницијативата доаѓа во момент кога Црна Гора е пред завршување на пристапните преговори.