
Амбасадата на Северна Македонија во Абу Даби издаде предупредување до граѓаните во Саудиска Арабија, особено во Ријад, да бидат максимално внимателни поради влошувањето на безбедносните услови и тековните напади со ракети и беспилотни летала.
На граѓаните им се препорачува да ги следат упатствата на саудиските власти, да се засолнуваат во затворени простории за време на алармите, да избегнуваат јавни собири, воени локации и гранични области со Јемен и строго да се воздржат од снимање или објавување слики од напади, бидејќи прекршоците може да бидат казнети според локалниот закон. Сомнителни предмети или остатоци од ракети и беспилотни летала треба да се пријават на властите.
Патниците се повикуваат да се консултираат со авиокомпаниите за можни доцнења или откажувања на летови пред да се упатат кон аеродромот во Ријад. За итна помош, граѓаните можат да контактираат со амбасадата на +971 56 441 7532.