
Судењето за пожарот во Кочани од 2025 година продолжи во четвртокот со вкрстено испрашување, од страна на Јавното обвинителство, на вештакот од областа на градежништвото предложен од сопственикот на „Пулс“ и обвинет, Дејан Јованов.
На претходните рочишта, вештакот меѓу другото изјави дека објектот имал три влеза и три излеза, дека кровната конструкција не била оштетена во големиот пожар и дека конструктивната стабилност на зградата не била нарушена.
По завршувањето на рочиштето, реагираа дел од родителите на загинатите, кои присуствуваа на денешната расправа. Тие побараа преиспитување на опсегот на вештачењата, како и на стручните квалификации и компетентноста на лицата што дале стручни мислења во текот на постапката.