
МЗТ Скопје го започна својот настап во ФИБА Купот на Европа со пораз, губејќи со 59:64 од грчкиот тим Ираклис во спортскиот центар „Јане Сандански“. Натпреварот доби и политичка димензија поради транспарентот истакнат на трибините од навивачката група на МЗТ, „Фемили Аеродром“.
На транспарентот пишуваше „Името твое свето ќе го браниме пред светот“ и беше прикажана мапа на Северна Македонија што ги опфаќаше и Егејскиот и Пиринскиот регион. Ираклис веднаш реагираше и го пријави инцидентот кај делегатот на натпреварот, Бугарката Елеонора Рангелова.
„Уште пред почетокот на натпреварот, Ираклис официјално ја извести бугарската комесарка Елеонора Рангелова за транспарентот со националистичка содржина, истакнат од домашните навивачи на една од централните трибини. Побаравме тој да биде отстранет. За случајот беше известена и грчката амбасада во Скопје“, соопштија од клубот, според извештаите на грчките медиуми.