
Во понеделникот, медиумите објавија дека се приведени две лица и дека се вршат претреси на домови и лица на повеќе локации, како дел од предистражна постапка за финансиски криминал, за кој постои сомневање дека е сторен од службени лица со цел стекнување значителна противправна имотна корист, при што се проневерени буџетски средства во износ од речиси 1,3 милиони евра.
Неколку часа по медиумските извештаи, Управата за финансиска полиција издаде соопштение во кое потврди дека се приведени две лица.
Во него се наведува дека службеници на Управата, постапувајќи по наредби издадени од судија на претходна постапка, а под координација и раководство на надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, извршиле претреси на домови и лица на неколку локации.
Операцијата произлегува од предистражна постапка насочена кон откривање и документирање кривични дела од областа на финансискиот криминал, за кои постои сомневање дека се сторени од службени лица со цел стекнување значителна противправна имотна корист преку проневера на буџетски средства во износ од речиси 80 милиони денари (околу 1,3 милиони евра), се додава во соопштението.