
Красимир Каракачанов, лидерот на ВМРО-БНД и поранешен министер за одбрана на Бугарија, упати покана до премиерот Мицкоски да присуствува на свечениот пречек на посмртните останки на цар Самоил, закажан за 3 октомври во Софија.
Според Каракачанов, учеството на Мицкоски на церемонијата би имало посебно значење, и тоа не само како знак на почит кон една од најистакнатите личности во, како што наведе, „нашата заедничка“ средновековна историја.
Од партијата на Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ, одговорија дека би било посоодветно Каракачанов да ја упати поканата до поранешниот премиер Заев и до актуелниот лидер на СДСМ, Филипче, кои ги опишаа како негови истомисленици. ВМРО-ДПМНЕ го поздрави интересот во Бугарија за наследството на цар Самоил, кој, како што истакнаа, оставил „неизбришлива трага во Македонија“.