
Улогата на парламентите и парламентарниот надзор во процесот на пристапување кон ЕУ беше во фокусот на вториот ден од регионалната конференција за соработка и европска интеграција на Западен Балкан, одржана во Собранието на Северна Македонија.
Симонида Кацарска, директорка на Институтот за европски политики, претстави преглед на парламентарниот надзор и неговото значење за европската интеграција, вклучувајќи ги реформската агенда, односите со ЕУ, единствениот пазар и барањата за пристапување.
Говорниците истакнаа дека парламентите играат клучна улога преку законодавната дејност, буџетирањето, ратификацијата на меѓународни договори и надзорот врз реформите. Потпретседателот Антонијо Милошоски ги претстави механизмите за надзор на Собранието, по што следеше дискусија за улогата на парламентите во европската интеграција.