
„Изградбата на држава не е само одржување демократски избори и воспоставување институции. Станува збор и за нивно зајакнување, заштита на човековите права и почитување на владеењето на правото“, рече претседателката Гордана Силјановска-Давкова на панел-дискусијата по повод Денот на независноста, 8 септември.
Зборувајќи на настанот „8 септември низ очите на неговите учесници и сведоци“, на кој присуствуваа поранешни пратеници, министри и други јавни личности, таа го истакна значењето на АСНОМ и предизвиците за градење функционална демократија.
„Наследството на АСНОМ вели дека каква држава ќе создадеме, таква држава ќе имаме. Според мене, умерените и мудри лидери во 1990-тите беа Глигоров, Стојан Андов, Никола Кљусев, Петар Гошев и Абдурахман Алити, кои успеаја да излезат од тој виор на војната преку своето знаење и мудрост, како и нивниот државнички пристап, на умерен начин, а тоа е многу важно.
Според еден научник, можете да составите устав за шест дена и да воспоставите либерална економија за шест месеци, но потребни се 60 години за да се изгради функционална демократија“, рече претседателката Силјановска-Давкова, нагласувајќи ја важноста на функционалните институции, заштитата на човековите права и почитувањето на највисоките стандарди на домашното и меѓународното право.