
Австриската министерка за Европа, Клаудија Бауер, вели дека Северна Македонија би можела да се приклучи на Европската Унија во текот на оваа деценија, но постигнувањето на таа цел ќе бара политичка волја и од Скопјe и од Брисел. Во интервју за „Слободен Печат“, Бауер рече дека уставните измени остануваат неопходни за отворање на првиот преговарачки кластер, нагласувајќи дека тие не треба да создаваат дополнителни услови за земјата.
„Билатералните прашања мора да се решат преку билатерален дијалог. Не смее да им се дозволи да го држат целиот процес на пристапување како заложник“, рече Бауер, додавајќи дека Австрија поддржува конструктивен дијалог и фер компромис.
Таа, исто така, повика на појасни и попредвидливи услови во процесот на пристапување, особено откако билатералните спорови го одложија напредокот на Северна Македонија.
„Уставните измени се договорен чекор кон отворање на првиот кластер. Но, тие не смеат да доведат до бесконечна низа нови барања“, рече Бауер.