
„Политиката се темели на разговори. Јас сум од оние политичари кои сакаат да разговараат додека не се постигне решение. И во првиот и во вториот случај ние ќе продолжиме да разговараме. Знаеме кои се нашите црвени линии и во рамките на тие црвени линии ќе се обидеме да го најдеме решението“, рече премиерот Мицкоски во четврток, одговарајќи на новинарски прашања пред почетокот на Амбасадорскиот совет.
Запрашан да ја коментира изјавата на Радев дека бугарскиот премиер ќе го поддржи проширувањето на ЕУ, но дека Бугарија сè уште стои зад барањето за исполнување на преземените обврски и заштита на Бугарите во Северна Македонија, Мицкоски рече дека Уставот нуди апсолутно сериозна заштита за сите граѓани во земјата, вклучително и за бугарската заедница.
Премиерот повторно се осврна на, како што рече, Македонската заедница од другата страна на границата, „имајќи предвид дека Бугарија ратификувала дека ќе ги почитува човековите права, додека, од друга страна, континуирано избегнува регистрирање здруженија на Македонската заедница во Бугарија“.