
Пратениците Али Ахмети (ДУИ), Мендух Тачи (ДПА) и Валентина Марчевска (ВМРО-ДПМНЕ) не кажале ниту еден збор во Парламентот во првата половина од минатата година, според алатката Pratenici.mk (MPs.mk) објавена од Институтот за демократија Societas Civilis. За разлика од лидерите на ДУИ и ДПА, кои со години се меѓу најнередовните пратеници, Марчевска присуствувала на сите 56 седници.
Алатката открива дека 45 од вкупно 120 пратеници воопшто не се регистрирале да зборуваат за ниту една тема, две третини од пратениците не поставиле пратеничко прашање, 36 не учествувале во предлагање амандмани, а 13 не потпишале ниту еден закон.
Алатката покажува дека најактивни пратеници во првата половина од минатата година биле Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ, Сали Мурати од Движењето на Турците, Јованка Тренчевска од СДСМ, Тони Јаревски од ВМРО-ДПМНЕ и Даниела Николова од СДСМ.