
Министерот за одбрана Владо Мисајловски попладнево на Фејсбук информираше дека во Министерството за одбрана остварил средба со началникот на Генералштабот на германските вооружени сили, генералот Карстен Бројер, кој е во официјална посета на нашата држава.
“Разговаравме за нашата одбранбена соработка која се темели на доверба, заеднички вредности и посветеност кон колективната одбрана, како и за можностите за нејзино понатамошно унапредување и продлабочување. Германија е наш докажан пријател и сојузник и во моментов работиме на заеднички проекти кои се од особено значење за Македонската армија и за зајакнување на одбранбените способности. Особено ја цениме германската поддршка и партнерство во развојот на капацитетите на нашата Армија”, пишува во објавата на Фејсбук.
Генералот Бројер, кој е во посета на Северна Македонија, се сретна и со својот колега, генерал-мајор Лафчиски. Бројер истакна дека Северна Македонија игра важна улога како фактор на стабилизација. Тој оствари средби и со премиерот Мицкоски и претседателката Силјановска Давкова.