
По информациите дека светските лидери на Самитот на НАТО што изминатите два дена се одржуваше во Анкара, добиле несекојдневни подароци, односно пиштоли со посвета и вистинска боева муниција од турскиот претседстел Ердоган, Телма ТВ упати прашање со претседателскиот кабинет.
Од вила Водно ни одговорија потврдно дека и македонската претседателка добила таков подарок, кој сега патува со дипломатска пошта и дека таа нема да го користи.
Подарокот од претседателот Ердоган е примен преку државниот протокол и преку дипломатска пошта, согласно процедурите, ќе биде донесен во Скопје. Подарокот ќе биде соодветно евидентиран во Кабинетот на претседателката и со него ќе се постапи согласно Законот за оружје.
Претседателката Сиљановска-Давкова нема да го користи, ниту ќе има било каков контакт со подарокот, велат за Телма од претседателскиот кабинет.