
Во саботата во Истанбул, премиерот Мицкоски оствари средба со претседателот на Турција, Ердоган. Беше потврдена традиционално блиската, пријателска и стратешка соработка меѓу двете земји, рече првиот.
“На средбата беше изразено заедничко задоволство од одличните политички односи, кои се темелат на меѓусебна почит, доверба и искрено пријателство меѓу двата народа. Разговаравме за можностите за дополнително продлабочување на економската соработка, зголемување на трговската размена, нови инвестиции, како и за унапредување на соработката во областа на инфраструктурата, енергетиката, туризмот, образованието и одбраната“, изјави Мицкоски.
Во Истанбул, Мицкоски ја предводеше владината делегација за активности за презентирање на поволностите од инвестирањето во Северна Македонија пред турските бизнисмени. Во рамките на тоа, се одржа и бизнис форум.