
Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција веќе неколку месеци води предистрага за можни недозволени активности во кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, поврзани со сомнежи за извлекување и енкриптирање доверливи податоци.
Како што пишува Слободен печат, до редакцијата и до Обвинителството била доставена анонимна кривична пријава потпишана од „Група вработени во МВР“, во која се тврди дека од компјутерскиот систем во кабинетот на претседателката биле копирани и шифрирани податоци, со сомнеж дека можеле да завршат кај странски разузнавачки служби.
Според информациите во пријавата под сомнение бил ИТ администратор во Кабинетот, за кого се тврди дека копирал и складирал доверливи материјали, а се споменуваат и други лица од кабинетот и од разузнавачките структури, за кои постојат сомнежи дека евентуално учествувале во прикривање докази.
Од обвинителството потврдиле дека предистрагата е отворена уште во декември лани, и оти биле издадени наредби за анализа на компјутерска опрема, мобилни телефони и електронски податоци, но досега не бил доставен конечен извештај за содржината на евентуално извлечените информации. Од Кабинетот на Сиљановска засега нема потврда за ваквите информации.