
Пожарот на отпадот во Визбегово е изгаснат целосно по 24-часовна пожарникарска битка со големиот оган. Еден пожарникар се пожалил на премор, но нема посериозни повредени.
Првично беше пријавено дека пожарот избувнал од машина за сечење на железо и лимови, но сопствениците на отпадот вчера изјавија дека машината воопшто не била вклучена. Постојат сомнежи дека пожарот тлеел подолг период по што вчера одеднаш избувнал и се проширил на голема површина.
Густиот чад одеше и кон Скопје и населбите меѓу отпадот и главниот град. Во пожарот гореа стари автомобили, но изгореле и акумулатори, батерии, гориво и масло од хаварисаните возила кои биле одлагани во огромен висок куп на отпадот.
Отпадот е во сопственост на „АСД Метал груп“, истата фирма која заедно со уште тројца нејзини сопственици и управители е обвинета за ланскиот пожар на друга блиска локација кај Визбегово. Обвинителството отвори истрага.