
На 29.04.2026 Единицата за внатрешни работи Ѓорче Петров при СВР Скопје до ОЈО Скопје поднесе кривична пријава против четири малолетнички (една 17-годишна и три 14-годишни) сите од Скопје, поради основи на сомнение дека извршиле две кривични дела „насилство“ предвидено и казниво по член 386 од КЗ.
Во два одделни настани, на 27.03.2026 и на 30.03.2026 година пријавените физички нападнале 13-годишна малолетничка, а видеозапис и фотографии од настаните биле објавени на социјална мрежа.
Во обвинителството постапката тече, а во училиштето наставничкиот совет им го намалил поведението или, пак, им изрекол укор на сите кои учествуваа во инцидентот. Малолетничката која е жртва во овој немил настан ја следи наставата од дома.
Според информациите на Телма, две од пријавените ученички не се од училиштето „Мирче Ацев“, туку од средното хемиско и друго основно во Општина Ѓорче Петров. Сите мерки кои беа на располагање се преземени.
Известена е полицијата, обвинителството, просветниот инспекторат и народниот правобранител, а училишното раководство уште во текот на минатиот месец им изрече санкции на сите инволвирани во насилството, соопшти градоначалникот Александар Стојкоски.
Од министерството за образование соопштија дека просветниот инспекторат постапува, а пратен е допис до градоначалниците и училиштата да се воведе дежурен наставник за време на одморите во училиштата.