
Коментарите на известувачот Вајц и Кос дека Северна Македонија заостанува во однос на реформската агенда и дека може да изгуби средства од Планот за раст, во вторник ги потврди и министерот за европски прашања Сали.
Тој рече дека тоа се предупредувања во врска со 10-те чекори од Агендата што треба да бидат завршени до крајот на јуни оваа година. Како што објасни министерот, се работи на сите сфери во однос и на грејс периодот и на редовниот, во кој чекорите мора да се исполнат.
„Верувам дека не заостануваме премногу, од 10 точки, се приближуваме кон завршување на 6“, изјави Сали.
И амбасадорот на ЕУ Рокас се согласи дека известувачот Вајц и комесарката Кос издале предупредување во врска со реформската агенда. Сепак, тој истакна дека Владата ги интензивирала реформите за да ги исполни роковите.
Амбасадорот Рокас, исто така, изјави дека предупредувањето на комесарката се однесува на сите земји од Западен Балкан, а не само на Северна Македонија, кога станува збор за реформските агенди. Сепак, некои закони што треба да се донесат нема да бидат готови до крајот на јуни бидејќи нема консензус за Изборниот законик, истакна министерот Сали.
За Канал 5, Вајц, во врска со своите коментари, вели дека станува збор за старо интервју, додавајќи дека Северна Македонија напредува и има дополнително време да ги исполни чекорите од Агендата за реформи до јуни.