
Обвинителката Адела Бојчевиќ во завршните зборови побара максимална казна за сите три кривични дела за кои е обвинет Стојане Јовановски по падот од тераса на неговата сопруга Ивана и нивната шест годишна ќерка Катја.
Јовановски е обвинет за нанесување телесна повреда како резултат на семејно насилство, загрозување на безбедноста и наведување на самоубиство.
„Обвинителството предлага максимална казна за сите три кривични дела, не само заради Ивана и Катја, туку и како порака до општеството дека физичкото насилство не смее да се толерира”, рече обвинителката.
Според неа, големиот број на докази покажале дека физичката и психичката тортура врз Ивана како и нејзиниот постојан страв дека ќе остане без својот дом и без нејзината ќерка, резултирале со нејзиното самоубиство.
Одбраната, пак, го изнесе спротивниот став, нарекувајќи ги доказите контрадикторни. Адвокатот Ангелевски потенцираше дека сведочењата се посредни и дека обвинителството не успеало да докаже дека обвинетиот ги нанел повредите, ниту пак дека постои причинско-последична врска за делот од обвинението што се однесува на наведување на самоубиство.
Самиот обвинет Стојанче Јовановски ги отфрли обвинувањата, припишувајќи ја вината на други лица и тврдејќи дека сведоците сакаат да го оцрнат.