
Со потписи од 30 пратеници, пратениците од Европски фронт ќе се обидат да иницираат уставни измени.
Денеска најавија дека почнуваат со собирање на потписите и ги повикаа сите пратеници, и од парламентарното мнозинство и од опозицијата, да се потпишат. Посебен повик упатија до пратениците од владејачката „Вреди„ со што, како што велат, „ќе ги материјализираат ветувањата дадени пред граѓаните за продолжување на евроинтегративниот процес“.
Ова е прашање што ги надминува партиските интереси, ова е прашање што ги надминува коалициските пресметки, ова е суштинско прашање на стратешката ориентација на државата, изјави Блерим Беџети.
Од „Вреди„ ја нарекоа иницијативата несериозна и самосаботирачка.
“ДУИ сериозно ја навредува ЕУ и Албанците кога Блерим Беџети зборува за европски вредности. Ја потсетуваме јавноста дека тој, како долгогодишен функционер на ДУИ, е синоним за политика спротивна на секоја европска вредност и предизвика непоправливи штети врз интересите на Албанците и проевропскиот имиџ на државата. Вреди нема намера да стане дел од оваа пародија”, велат од коалицијата.